Хајко Мас: Узбекистан ќе помогне за евакуацијата од Авганистан

Ташкент- германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас и неговиот узбескистански колега Абдулазиз Камилов, 30.08.2021

Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас денеска рече дека Узбекистан има волја да ги отвори границите за луѓето кои бегаат од талибанската власт во Авганистан а кои се на германската листа и имаат потреба за евакуација од земјата зафатена со војна.

Зборувајќи за време на четиридневната посета на Централна Азија, Пакистан и Блискиот исток, Мас рече дека во фокусот на неговата агенда е состојбата во Авганистан и понатамошната евакуација на германските државјани и Авганистанците кои се сметаат за ризични групи, како активисти за човекови права и новинари.

Германија, како што рече тој, планира да преземе 40 000 луѓе од Авганистан или преку аеродромот во Кабул, кој се планира да биде отворен до утре, или преку копнен пат во соседните земји.

"Узбекистан е подготвен да ни помогне со оваа група луѓе“, рече Мас денеска во узбекистанскиот главен град Ташкент.

Од таму тој треба да отпатува во Таџикистан, а следниот ден во Пакистан.
Вчера во Турција Мас вети економска и хуманитарна помош на земјите кои граничат со Авганистан.