Судири во Атина на крајот од демонстрациите против задолжителната вакцинација

Протести во Атина, архивска фотографија

Илјадници Грци, противници на вакцинацијата против коронавирусот, протестираа синоќа во Атина, а дојде и до жестоки судири меѓу демонстрантите и полицијата. Кон крајот на протестот на плоштадот Синтагма, каде говорниците ги критикуваа плановите на владата на Кирјакос Мицотакис да воведе задолжителна вакцинација за здравствените работници и студентите, младите почнаа да фрлаат со шишиња, петарди и молотови коктели кон полицијата која одговорила со солзавец, шок бомби и водени топови. Полицијата процени дека во Атина имало околу 8.000 демонстранти.

Илузорно е да се очекува 80 отсто од населението да се вакцинира

Демонстрации имаше и во Солун, но околу 10.000 -те противници на задолжителната вакцинација мирно се разотидоа на крајот од собирот. Во Грција, 5,7 од 10,7 милиони луѓе се целосно вакцинирани, но бројот на нови инфекции и хоспитализации скокна во последните недели. Ова главно се должи на многу заразниот делта вирус на коронавирусот, а нови инфекции најчесто се регистрирани кај невакцинираните.

Задолжителен ковид-тест за оние кои патуваат во Грција само со негативен ПЦР тест

В среда, 1 септември, истекува рокот за вакцинација на здравствените работници, кои ќе бидат суспендирани од работа доколку одбијат да ја примат вакцината. За да посетуваат настава, учениците мора да се вакцинираат до 13 септември кога ќе започнат со работа училиштата, додека наставниците не мора.