Во Косово пристигна првата група евакуирани Авганистанци

Бегалци од Авганистан пристигнуваат на аеродромот во Приштина

Првата група од околу 100 бегалци од Авганистан вечерва пристигна во Косово откако беа евакуирани од нивната земја, каде што талибанците ја презедоа контролата. Тие беа префрлени во Косово од американските воздухопловни сили.

Косовската влада соопшти дека привремено ќе биде домаќин на околу 2.000 Авганистанци кои работеле со силите на САД и НАТО или други меѓународни организации.

Косово веќе одобри привремена заштита за Авганистанците кои беа ангажирани од силите на САД и НАТО, како и за членовите на нивните семејства. Во согласност со косовскиот закон, ќе им се обезбеди привремен престој до две години.

Неколку групи од околу 500 Авганистанци, кои полетаа од Кабул, исто така пристигнаа во Албанија пред два дена. Албанија соопшти дека е подготвена да прими 4.000 бегалци. Македонија, исто така, изрази подготвеност да прими околу 750 авганистански бегалци.

САД и другите земји ги завршуваат напорите за евакуација на авганистанските државјани од аеродромот во Кабул, бидејќи 31 август е одреден како краен рок во договор со Талибанците.