Филипче: Трета доза само од вакцината на Фајзер, но за имуно-компромитирани пациенти

илустрација

Министерот за здравство Венко Филипче информира дека засега само американската агенција има дадено препорака за трета доза на вакцината на Фајзер/Бионтек, но кај имуно-компромитирани пациенти. Тоа се, како што рече, пациенти кои се трансплантирани и оние со хронична дијализа.

„Засега само американската агенција има дадено препорака за трета доза на Фајзер вакцина, но кај имуно компромитирани пациенти. Тоа се пациенти кои се трансплантирани и пациенти кои се на хронична дијализа. Европската се уште ја нема дадено таа препорака, така да уште сме во фаза кога ги очекуваме препораките, како од производителите, така и од големите клинички студии на големи серии на пациенти“, изјави Филипче во денешното гостување во дневникот на Сител.

Тој посочи дека кај нас веќе има препорака за пациенти кои што се трансплантирани и пациенти кои се на хронична дијализа. Како што рече, следнава недела ќе започне и комуникација со дијализни пациенти за да го проценат бројот на пациенти кои веќе аплицирале и ќе добијат трета доза.

Додаде дека со Фајзеровата вакцина значајно се зголемува ефиканоста кон сите соеви на вирусот, и кон алфа, бета и делта сојот на вирусот кога станува збор за аплицирање на трета, односно бустер доза.

Временскиот интервал кој што треба да помине за да се прими трета доза е шест месеци, а кај нас, посочи, се уште никој нема примено трета доза бидејќи не се поминати шест месеци од ревакцината.