САД убија двајца припадници на ИСИС-К во нападот со дрон

илустрација

Американската војска објави дека убила двајца припадници на Исламска држава во Хорасан (ИСИС-К, огранок на „Исламска држава“ во Авганистан) во вчерашниот напад со дрон во преовинцијата Нангархар во Авганистан.

Ваквиот воздушен напад на САД врз Исламската држава, следува откако нејзиниот бомбаш -самоубиец уби десетици луѓе во близина на аеродромот во Кабул во четвртокот, а беше изведен во време кога од Белата куќа најавија дека екстремистичка група планира нов напад во последните денови на евакуација на луѓе од Авганистан.

Американската војска првично соопшти дека убила еден припадник на Исламска држава во напад со беспилотно летало. Нападот, извршен ноќта меѓу петокот и саботата, го нареди американскиот секретар за одбрана, Лојд Остин, со одобрение на претседателот eо Бајден.

Засега не е познато дали припадниците на „Исламска држава“ (ИСИС-К) кои биле цел на нападот со дрон биле директно вклучени во нападот на аеродромот во четвртокот, во кој загинаа 13 припадници на американската армија и 169 Авганистанци.

Талибанците го осудија американскиот напад со беспилотно летало врз членовите на Исламската Држава, а нивниот портпарол Забихула Муџахид ја нарече операцијата „јасен напад на авганистанска територија“.

Муџахедините изразија очекување дека Талибанците многу брзо ќе ја преземат контролата врз аеродромот во Кабул, штом ќе заминат американските сили и дека ќе го објават составот на новата администрација во наредните денови.