Тринаесет мртви, стотина повредени во експлозија на складиште во Казахстан

илустрација

Тринаесет лица загинаа, а речиси 100 се повредени во серијата експлозии предизвикани од пожар во складиште за оружје во воена база во јужен Казахстан, за што министерот за одбрана на земјата поднесе оставка.

Портпаролот на министерството денеска соопшти дека најмалку три лица се водат како исчезнати и дека потрагата по нив продолжува. Портпаролот Талгат Уали изјави дека меѓу загинатите има вработени во воената единица на Министерството за вонредни ситуации, воен персонал и офицер од военото обвинителство.

Во експлозијата биле повредени 98 лица, а половина од нив се вработени во Министерството за вонредни ситуации.

Министерот за одбрана Нурлан Ермекбаев рече дека е нејасно што го предизвикало пожарот на 26 август во воен објект во провинцијата Жамбил, каде што биле складирани инженерски експлозиви.

Ермекбаев изјави дека повеќе од 500 тони експлозив биле складирани во складиштето. Експлозивот е пренесен од зграда во градот Арис по слична експлозија во 2019 година, во која загинаа четири лица, а беа оштетени илјадници куќи и принудена евакуација на 40.000 жители.