Соединетите Држави и земјите партнери досега евакуираа 111.000 лица од 14 август, ден пред влегувањето на Талибанците во Кабул. Се проценува дека во текот на неделата кога евакуациите беа во полн ек, од аеродромот во Кабул на секои 39 минути полетувал авион.
Повеќето сојузнички земји веќе ја завршија евакуацијата, а американската армија ќе остане до крајниот рок до 31 август. Како што објави Пентагон во последните денови од евакуацијата, приоритет ќе биде повлекување на американската армија и опрема.
Околу 5.100 американски државјани се евакуирани од почетокот на операцијата. Во Авганистан има уште 1.500 американски државјани. Канада, Германија, Франција, Италија, Шведска, Белгија, Ирска, Полска, Унгарија, Данска, Шпанија, Турција и други земји ја завршија евакуацијата пред викендот. Британија објави дека денеска ги спроведува последните летови.
- Во Албанија пристигнаа уште две групи Авганистанци
- САД одговорија-уништена базата на ИД-К во напад со дрон
Здружението на воените сојузници, група за преселување на бегалци, проценува дека околу 250.000 Авганистанци треба да бидат евакуирани, вклучувајќи преведувачи, возачи и други работници кои им помагале на напорите на Соединетите Држави.
УНХЦР претходно соопшти дека се подготвуваат за можноста половина милион луѓе кои бегаат од насилство да го напуштат Авганистан.