Заев и Ципрас ја примија Меѓународната награда за мир

Зоран Заев и Алексис Ципрас ја примаат мировната награда на Вестфалија за 2020 година

На свечена церемонија во Мунстер, Германија, претседателот на Летонија, Егилс Левиц, им ја врачи на македонскиот премиер, Зоран Заев и на поранешниот премиер на Грција, Алексис Ципрас, мировната награда на Вестфалија за 2020 година, што ја добија за постигнувањето и потпишувањето на Преспанскиот договор во 2018 година.

Заев се заблагодари за големото признание и изјави дека со неговиот пријател Ципрас одлуката, да го решат деценискиот спор меѓу македонската и грчка држава, ја донеле со цел да отворат нови визии и меѓусебна соработка за народите на државите, пријателство меѓу нив и да се отворат евроатланските перспективи.

И јас и Ципрас, додаде Заев, сме целосно свесни дека ја ставивме нашата политичка кариера во ризик.

„Оваа цврста определба, подготвеноста да ги жртвуваме сопствените политички кариери во име на иднината не поврза и не водеше низ процесот. Кога ќе видите од другата страна на масата за преговори личност која е фокусирана на решенија, личност со која ги делите истите политички вредности, тогаш ги имате сите потребни состојки за пријателски односи и атмосфера за да постигнете взаемно прифатливо решение за проблемот,“ рече Заев.

Лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас порача дека ЕУ мора активно да го поддржи Договорот од Преспа, мора да стори сé што е потребно за да се одржат Меѓувладини конференции со Северна Македонија и Албанија, како и да се постигне напредок во преговорите Белград- Приштина.

Меѓународната награда за мир на Вестфалија требаше да им биде врачена на Заев и на Ципрас минатата година, ама церемонијата беше одложена поради епидемијата на ковид-19.

Преспанскиот договор беше потпишан во 2018 година. Според договорот, Македонија го смени името во Северна Македонија, а Грција се согласи да ги одблокира македонските евроинтеграции.