Четвртоодделенците ќе совладуваат читање со разбирање

таблет, илустрација

Министерството за образование и наука денеска соопшти дека првпат материјалите за учење по македонски јазик за четврто одделение ќе бидат дигитализирани. Тоа значи дека многу различни содржини од програмското подрачје Јазик – граматичкиот дел, ќе бидат изучувани и совладани преку дигитални квизови, објаснува авторката на учебникот проф. д-р Јасмина Делчева – Диздаревиќ.

„Преку квизовите на учениците ќе им биде овозможено сами да доаѓаат до точните решенија. Веќе подолго време педагошката теорија ни зборува за предностите и придобивките на програмираната настава. До сега, немавме начин теоријата да ја преточиме во пракса. Денес, благодарение на дигитализацијата, тоа конечно ни е овозможено“, вели Делчева – Диздаревиќ.

Според авторката, при изработката на материјалот за учење се водело грижа за трите принципи на кои се заснова новата Концепција за основно образование, а тие се: инклузивност, родова рамноправност и интеркултурност.

Авторката потенцира дека за разлика од материјалите за прво одделение каде вниманието главно е насочено кон описменувањето, тука во материјалите за четврто одделение се работи најмногу на логичкото и изразното читање.

Од МОН посочуваат дека во согласност со потребите на современиот свет, во овие материјали акцентот е ставен и на медиумската култура и медиумската писменост.

„Развиена медиумска култура и медиумска писменост е неопходен предуслов за функционирање во современиот свет. Преку бројни активности кои го поттикнуваат логичкото размислување, учениците не само што подобро ќе ги разбираат информациите кои се насекаде околу нив, туку и ќе научат како да ги применуваат во секојдневниот живот, да изработуваат плакати и извештаи, се вели во соопштението од МОН.