Две лица починале во Јапонија откако ја примиле вакцината против ковид 19 од компанијата Модерна, која е дел од спорната испорака на шишенца контаминирани со одредени честички, за кои постои сомневање дека се поврзани со производствената линија во Шпанија, објави Министерството за здравство.
Во соопштението се наведува дека мажите кои имале повеќе од 30 години починале неколку дена по примањето на втората вакцина.
И двајцата добиле доза од еден од трите погони во кои производството беше прекинато по откривањето на контаминација. Во тек е истрага за причините за нивната смрт.
Јапонските медиуми, повикувајќи се на Министерството за здравство, објавија дека шишенцата биле загадени со метални честички.
Јапонија ја суспендираше употребата на 1,63 милиони дози вакцина Модерна кон средината на неделата по извештаите за контаминација на шишиња со одредени честички, за кои постои сомневање дека се поврзани со производствената линија во Шпанија.
Серијата контроверзни вакцини имаше 565.400 дози, а Модерна објави дека ја запрела испораката на оваа и две други серии.