Американската војска денеска изврши напад врз позициите на таканаречената Исламска Држава во областа на источен Авганистан. Нападот со дрон беше извршен помалку од два дена по масакрот што членовите на оваа организација го извршија на аеродромот во Кабул, при што загинаа околу 170 цивили и 13 припадници на американските војници во самоубиствен напад.
Според соопштението на американската Централна команда, базата на ИС-К (огранок на Исламската држава во Авганистан) е уништена во нападот во регионот Нангархар. Токму таа база ја презеде одговорноста за нападот во Кабул.
„Нападот со беспилотно летало се случи во авганистанската провинција Нангархар. Според првите информации, ја погодивме целта и нема информации за цивилни жртви“, соопшти портпаролот на Американската Централна команда Бил Урбан.
Инаку американскиот претседател Џо Бајден најави одмазда по крвавиот терористички напад извршен на аеродормот во Кабул во четвртокот.
„Нема да заборавиме, нема да простиме. Ќе ве гониме и ќе платите за ова“, им порача Бајден на терористите кратко по атентатот.
- Продолжуваат летовите од Кабул ден по експлозиите
- Пентагон: Има веродостојни закани за нови напади на аеродромот во Кабул
Американската војска верува дека се уште постојат „веродостојни закани“ за време на голема операција за извлекување на цивили преку аеродромот во Кабул.
„Соединетите Држави ги следат заканите многу, многу конкретно, практично во реално време. Секако дека сме подготвени и очекуваме идни обиди“, изјави вчера портпаролот на Пентагон, Џон Кирби.
Официјални претставници на Пентагон, исто така соопштија дека смртоносниот напад бил извршен на аеродромот и дека нема втора експлозија во блискиот хотел, како што првично беше соопштено.