Американската војска верува дека се уште постојат „веродостојни закани“ за време на голема операција за извлекување на цивили преку аеродромот во Кабул. Вчера во самоубиствениот напад врз толпата луѓе кои се обидуваа да побегнат од Авганистан кој е под контрола на Талибанците, загинаа повеќе од 100 луѓе, вклучувајќи 13 американски војници.
„Соединетите држави ги следат заканите многу, многу конкретно, практично во реално време. Секако дека сме подготвени и очекуваме идни обиди“, изјави портпаролот на Пентагон, Џон Кирби.
Официјални претставници на Пентагон, исто така денеска рекоа дека смртоносниот напад бил извршен на аеродромот и дека нема втора експлозија во блискиот хотел, како што првично беше соопштено.
„Можам да ви потврдам дека не веруваме дека се случила втора експлозија кај или во близина на хотелот Барон, дека станува збор за бомбаш самоубиец“, рече генералот мајор Хенк Тејлор, заменик директор за безбедност на регионалните операции на американската армија по брифинг во Пентагон.
Тејлор додаде дека самоубиствениот бомбашки напад бил проследен со огнено оружје од непријателска позиција, но другите детали за нападот се уште не се јасни. Американските медиуми јавуваат дека бројот на жртвите во нападот се искачил над 170.