ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците и Алтернатива постигнале договор за соработка на претстојните локални избори закажани за октомври. Соработката за која ќе се договараат општинските организации на трите партии е договорена на денешната средба на лидерите Христијан Мицкоски, Зијадин Села и Африм Гаши.
„Тема на ова средба беа претстојните локални избори и можноста за опозициска соработка помеѓу овие партии, при што како главен мотив беше посочена борбата против корупцијата и криминалот застапени во општините раководени од СДСМ-ДУИ. Тројцата претседатели констатираа дека водејќи се од извештајот на Транспаренси Интернешенл, според кој Македонија е рангирана на историско најлошото 111 место, станува неминовна опозициската соработка, со цел единиците на локалната самоуправа да бидат ослободени од корупциското владеење, од нетранспарентното трошење на пари и од злоупотреба на власта на СДСМ и ДУИ на сите нивоа на државната управа“, се наведува во заедничкото соопштение од трите партии.
Според партиските лидери, потребно е да се соработува со цел општините да бидат институции во служба на граѓаните, со силен и рамномерен локален економски развој, со буџетска поддршка за децентрализација во областите образование, култура и спорт, како и со тежнеење да бидат зелени општини кои ќе обезбедат чист воздух и заштита на животната средина.
„Со цел што подобро да се артикулира опозицискиот глас, како и да се претстават најдобро интересите на сите граѓани на локално ниво, тројцата претседатели, истакнувајќи ги овие начела, се одлучија за взаемна соработка и поддршка на кандидати за градоначалници. Соработката подразбира дека споменатите партии нема да кандидираат градоначалници во одредени општини и ќе се поддржуваат меѓусебно, а во други општини ќе се натпреваруваат со сите други партии. За начинот и деталите на соработката ќе се договараат општинските организации на трите партии“, се посочува во заедничкото соопштение.
СДСМ најави партнерството со БЕСА, ДПА и ДУИ на престојните локални избори.