Досега во земјава регистрирани 351 случај на реинфекција со ковид

Вакцинација против ковид-19 во Скопје.

Вкупно 351 случај на реинфекција со ковид -19 се забележани во земјава од почетокот на пандемијата. Ова се податоци заклучно со 22 август годинава, соопштува Министерството за здравство. Во нивната анализа се наведува дека само во периодот од 15 до 22 август се забележани 54 луѓе кои повторно се заразиле во ковид-19, иако го прележале во изминатиот период.

Министерството за здравство соопшти дека во изминатите три недели со ковид се заразиле 17.020 граѓани, од нив 17 проценти биле целосно вакцинирани, односно поминале 14 дена од втората доза на вакцина. Објавената анализа се однесува на периодот од 06 до 26 август. Во тој период, со ковид се заразиле 2924 лица кои биле вакциниран и 14.096 граѓани, односно 83 отсто од позитивните на ковид 19 кои не биле вакцинирани.

Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 89 проценти, додека 11 отсто од сите моментално хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани. Сличен е и процентот на починати како последица на ковид, односно 90 отсто од починатите не биле вакцинирани, а 10 отсто биле вакцинирани. Според анализите починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања.

Заразените и починатите се вакцинирани со вакцини што ги има на располагање кај нас, како и вакцини Модерна и Џонсон и Џонсон, кои некои од пациентите ги примиле во странство.

Заклучно до вчера вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во Македонија изнесува 172.657, бројката на оздравени пациенти е 153.640, на починати е 5.782. Во моментов бројот на активни случаи изнесува 13.235.