Продолжуваат летовите од Кабул ден по експлозиите

Аеродромот во Кабул.

Стотици Авганистанци и странци денеска со авиони се изнесени од Авганистан, еден ден откако во две експлозии загинаа десетици луѓе кои чекаа пред аеродромот да заминат од земјата во која власта ја презедоа талибанците. Во експлозиите загинаа најмалку 85 луѓе, меѓу кои и 13 американски маринци.

Жители на главниот град велат дека од рано утрово можеле да се видат авиони како полетуваат од аеродромот во Кабул.

Одговорноста за нападите ја презеде авганистанското крило на милитантната организација Исламската држава, група позната како „Исламска држава на провинцијата Корасан“ или (ИСИС-К). Оваа група е непријател и на Талибанците и на Западот.

Во меѓувреме, ситуацијата на терен останува напната. Шефот на Централната команда на САД, генерал Френк Мекензи, вели дека војниците се во состојба на готовност и очекуваат повеќе напади од ИСИК-К.

Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека терористичкиот напад нема да ги одврати американските војници од мисијата за евакуација на илјадници американски државјани, сојузници и загрозени Авганистанци од Авганистан.

Се проценува дека околу 1.000 американски државјани се уште се во Авганистан, како и илјадници Авганистанци кои работеа со меѓународните сили во последните две децении. Повлекувањето на САД од Авганистан треба да заврши на 31 август.

Неколку западни земји, сојузници на САД во Авганистан, веќе ги завршија своите авионски операции за повлекување. Тоа го сторија Канада, Холандија, Белгија и Германија.