Судењето за корупција против поранешниот австриски вицеканцелар и поранешен лидер на екстремно десничарската Партија на слободата 52 годишниот Хајнц-Кристијан Штрахе треба да продолжи денеска откако беше одложено бидејќи обвинителите презентираа нови детали во врска со обвиненијата. Судењето против Хајнц-Кристијан Штрахе има корени во таканаречениот скандал „Ибицагејт“, кој го натера да поднесе оставка во мај 2019 година и по што падна коалициската влада меѓу неговата партија и десноцентристичката Народна партија на канцеларот Себастијан Курц.
Во Австрија оставка на сите министри на екстремната десница
Скандалот изби кога се појавија видео снимки на кои Штрахе ветува јавни тендери на жена која се претставува како внука на руски олигарх во замена за поддршка на изборната кампања за Партијата на слободата. Видеото предизвика широка истрага од страна на обвинителите за борба против корупцијата, кои открија и неколку други обвинувања за злоупотреби против Штрахе и други истакнати политичари. Тековното судење се фокусира врз обвиненијата дека Штрахе помогнал да се промени законот во корист на Валтер Грубмулер, долгогодишен пријател кој поседувал приватна здравствена клиника и донирал 10.000 евра за Партијата на слободата.