Убиени најмалку 60 Авганистанци и 12 војници на САД во експлозиите во Кабул

Авганистан: Луѓе носат повредено лице во болница по нападите кај аеродромот во Кабул. 26.08.2021.

Најмалку 60 авганистански цивили се загинати во двете експлозии во близина на аеродромот во Кабул, додека 140 се ранети објави авганистанското Министерство за здравство, пренесува „Гардијан“.

Загинати се 12 американски војници, а најмалку 15 се повредени, потврди генералот Френк Мекензи - шеф на американската Централна команда.

Тој на брифинг со новинарите во Пентагон рече дека по бомбардирањето следувало пукање и дека додека армијата тагува поради смртта на нејзините припадници, евакуацијата од Авганистан продолжува.

Тој рече дека според проценките околу 1.000 американски државјани сѐ уште се во Авганистан.

Мекензи рече дека САД се подготвени да преземат мерки против одговорните за нападите во Кабул, додавајќи дека верува оти нападите ги извршила „Исламска држава во Авганистан“, група позната како „Исламска држава на провинцијата Корасан “.

Оваа организација денеска ја презеде одговорноста за експлозиите во Кабул, пренесува Ројтерс.

„Бомбаш самоубиец од „Исламската држава“ успеа да стигне до голема група соработници на американската војска во кампот Баран во близина на аеродромот во Кабул и активираше појас со експлозив, при што загинаа 60 луѓе, а повеќе од стотина беа ранети, вклучително и Талибанци“, се наведува во соопштението на оваа екстремистичка група.

Мекензи рече дека очекува нападите да продолжат.

„Во моментов нашиот фокус е на други исклучително активни закани за аеродромот“, рече Мекензи.

Тој додаде дека сѐ уште ги истражуваат точните околности на нападот.

Мекензи рече дека американската армија сега разговара со Талибанците за подобрување на безбедноста на аеродромот со проширување на безбедносниот кордон околу него.

Претходно Талибанците соопштија дека не ги идентификувале напаѓачите, но нивниот портпаролот ги опиша како „злосторничка банда“ која ќе биде потисната штом странските војници го напуштат Авганистан.

Талибанскиот службеник Сухаил Шахин изјави дека „потврдува“ дека имало две експлозии во областа каде што се собрале луѓе управувани од американските сили.

„Најостро го осудуваме овој ужасен инцидент и ќе сториме сѐ за сторителите да ги изведеме пред лицето на правдата“, додаде Шахин.