Во услови кога имаме докажано ефикасна вакцина против Ковид-19, неодговорно е да го тестираме човечкиот имунитет на ризична болест, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Тој додава дека одложувањето на вакцинацијата против Ковид е само одложување на проблемот, посочувајќи дека пандемијата може да се победи само со вакцинација.
„Не смееме да дозволиме да дочекаме нови бранови и соеви, невакцинирани. Тоа ќе значи нов притисок врз здравствениот систем, бидејќи во моментов 90 отсто од сите хоспитализирани пациенти се невакцинирани“, вели Филипче.
Во Македонија досега се аплицирани над 1,2 милиони дози вакцини против ковид. Со две дози вакцинирани се над 511 илјади жители, според последните податоци објавени од Министерството за здравство.
Деновиве зголемен е бројот на вакцинирани лица, но расте и бројот на заразени со коронавирусот во услови кога се шири позаразната делта варијанта. Во последниве неколку денови дневно има по над илјада новозаразени и десетици починати.
Филипче вели дека човештвото во минатото ги победило сите пандемии со масовна вакцинација, а дека вакцинација еден месец по прележувањето на болеста „е целосно безбедна по здравјето на граѓаните“, вели тој.
Тој исто така уверува дека моментално предложените мерки се ефикасни во однос на двете цели: брза вакцинација и спречување на ширење на вирусот.