Експлозија кај аеродромот во Кабул, нема информации за жртви

Архива - Луѓе чекаат надвор пред аеродромот во Кабул. 25 август 2021 година.

Пред аеродромот во Кабул се случи експлозија, изјави денеска портпаролот на Пентагон додавајќи дека засега не е јасно дали има жртви, додека во тек се големи напори да се забрза евакуацијата од главниот град на Авганистан, пренесува Ројтерс.

„Можеме да ja потврдиме експлозија пред аеродромот во Кабул. Засега нема информации за жртви. Ќе дадеме дополнителни детали кога ќе можеме “, објави денеска на Твитер портпаролот на Пентагон Џон Кирби.

Според неидентификуван американски претставник, првичните извештаи сугерираат дека експлозијата била предизвикана од бомбаш самоубиец.

Американскиот претседател Џо Бајден бил информиран за експлозијата, изјави претставник на Белата куќа. Кога експлозијата за првпат беше пријавена, Бајден беше на состанок со безбедносните службеници за ситуацијата во Авганистан, каде што САД ги преземаат последните чекори за да го завршат својот 20-годишен ангажман, вели лице кое има информации за случајот.

Бројни земји посочуваат дека постои голема опасност од терористички напад на аеродромот во Кабул и ги предупредуваат своите граѓани во Авганистан да не одат на аеродромот.

Австралија, САД и Обединетото Кралство издадоа предупредувања до своите граѓани. На оние што се веќе надвор од аеродромот им се советува веднаш да ја напуштат областа.

Повеќе од 82.000 луѓе беа префрлени со авиони од Кабул, а градот пред десет дена падна во рацете на Талибанците.

Земјите брзаат да ги евакуираат луѓето до 31 август.

Голем број луѓе се уште се пред портата на аеродромот во Кабул, и покрај предупредувањата од САД и американските сојузници за можни напади од исламистички милитанти, изјави днеска западен дипломат на аеродромот.