Издавањето на новите лични карти се одвива нормално и досега се издадени 13.000 од овие лични документи, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
„Очекуваме најмногу две недели да трае целиот процес на печатење на оние коишто практично чекаа на одобрување и на печатење, меѓутоа, секако доколку успееме да го забрзаме тој процес и тоа ќе го направиме. Ние сме во постојан ангажман на вработените и според новиот начин на работа, така што ќе направиме се што е можно побрзо да ги добијат и оние лица коишто чекаа на одобрување, меѓутоа секако и редовно да тече издавањето на новите“, рече Спасовски.
Над 41.000 граѓани на кои им се истечени личните документи со месеци не можеа да ги земат, затоа што во Собранието е заглавен законот ,според кој, личните документи треба да се издаваат со уставното име, а Министерството за внатрешни работи веќе го смени софтверот, па не можеше да издава лични документи според стариот закон со Република Македонија.
Законот го блокира опозицијата, најмногу партијата „Левица“ која поднесе над 1500 амандмани. Владата во петокот донесе одлука тоа да го регулира со подзаконски акт, со што како што беше најавено се откочува процесот на издавање на лични карти.