Едни родители најавија бојкот поради дигитализацијата, а други бараат онлајн настава

Ученици во основно училиште

Без разлика дали наставата ќе биде со физичко присуство или настава на далечина, граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ денеска соопшти дека нема да ги пуштат своите деца во училиште да учат од новите програми.

„Нашите деца нема да учат содржини за кои ние родителите не сме информирани и не сме дале согласност. Нашите деца нема да учат исклучиво и само од дигитални учебници, лаптопи, таблети и телефони, туку од учебници“, изјави овластениот претставник на Граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ Драгана Спасевска и додаде дека родителите мора да имаат право на избор.

Друго движење за поддршка за онлајн наставата, пак, смета дека оваа учебна година онлајн наставата треба да се одржи по секоја цена поради огромниот број новозаразени со Ковид-19 во земјава, како и бројот на починати лица. Бараат онлајн настава за сите поради безбедносни причини, а родителите кои сакаат нивните деца да следат оналјн настава да се обратат до директорот со само едно писмо, без бирократски процедури. Да нема медицински и немедицински причини, туку само желба на родителот.

„Во една училница од 36 метри кавдратни, 30 или 32 деца кога ќе влезат тие немаат простор меѓу себе. За едно дете е потребно 13 метри кавадратни за да биде колку толку заштитено. Две деца и еден професор или наставник во училница, тоа е максимумот“, рече Ана Глигорова од Движењето за поддршка за онлајн наставата.

Владата донесе одлука училишната настава од први септември да почне со физичко присуство за сите ученици, а да се одвива под посебни мерки и протоколи. Во моментов во државата според последните податоци од Министерството за здравство има 12 673 активни случаи на заразени со ковид19.

Според владината одлука родителите може да не ги пуштат учениците на настава со физичко присуство со медицинска белешка за хронична болест на ученикот, на член на неговото семејство, а надлежните најавија дека може да испратат барање за онлајн настава и врз немедицинска основа.

Министерката за образование Мила Царовска денеска одговарајќи на новинарско прашање за различните ставови на родителите рече дека секој има право да го каже своето мислење и дека таа тоа го почитува.

Во меѓувреме градоначалничка Теута Арифи бара во тетовскиот регион првите три недели од новата учебна година да бидат онлајн, а потоа учениците да почнат да одат во училиштата. Причината е поради високите бројки на заболени од Ковид, а барањето е испратено до Кризниот штаб на Владата, Министерството за образование и Комисијата за заразни болести, чија одлука се очекува утре.