Официјален Кремљ денеска соопшти дека ќе почека да види како ќе се однесуваат талибанците откако го преземаа Авганистан и потоа ќе одлучи за својата позиција кон милитантната група. Портпаролот на Кремљ Дмитри Песков на брифинг во Москва рече дека Русија е заинтересирана за одржување на мирот и стабилноста во Авганистан и дека ќе ги продолжи контактите со Соединетите Американски Држави за прашањата што се отвораат таму.
Toj додаде дека сметаат дека доминацијата на талибанците и де факто нивното доаѓање на власт во Авганистан е завршен процес.
"Веруваме дека мора одблиску да ги набљудуваме чекорите на талибанците кои ќе ги преземат во иднина за осигурување на законите и редот и безбедноста на луѓето, пред се за граѓаните на земјата, а исто така и за безбедноста на руските дипломати и вработени во дипломатските преставништва кои се клучни за нас“, рече Песков.
Русија изрази загриженост за предлогот на Вашингтон да се дозволи бегалци од Авганистан да се сместат во земјите од Централна Азија бидејќи смета дека тоа би можело да ја поткопа стабилноста на регионот. Москва исто така соопшти дека не сака да види американски војници во тој регион зошто тоа би можело да го направи мета на напади.