Шефот на дипломатијата на Грција Никос Дендиас кон крајот на месецот доаѓа во посета на Северена Македонија, при што ќе се направи и евалуација на спроведувањето на обврските од Преспанскиот договор, а ќе се разговара и за поддршката на Атина во однос на нашата евроинтеграција, најави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи.
На заедничката прес-конференција во МНР со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за промоција на новите базни станици во дипломатско-конзуларните претставништва, шефот на македонската дипломатија рече дека во министерството е формирана работна група за следење на имплементацијата на Преспанскиот договор вклучувајќи и координатор и тековно се следат на неделна основа нашите обврски.
„Тоа не се само обврски од членот 8 кои произлегуваат во промена на ознаките, таблите итн., туку и во делот на Комисијата за заштита на трговските марки што е многу важно прашање, бидејќи колку побрзо ќе се реши прашањето за трговските марки толку ќе бидеме можеби во подобра позиција во однос на заштитата на трговски марки или, пак, во однос на Комисијата за образовни прашања. И четвртиот дел е секторската соработка која исто е предвидена во рамки на Преспанскиот договор“, рече Османи.
Предвидено е на средбата со Дендис, наваде Османи, да се направи и евалуација на степенот на имплементација во однос на обврските што ги има и државата, меѓутоа и што ги има Република Грција.
„Планираме посуштински и посистематски да влеземе по однос на сите прашања со цел да направиме еден пресек на степенот на реализација, меѓутоа се разбира и другите прашања ќе ги отвориме, пред се поддршката во однос на европските интеграции и се разбира секторската соработка во контекст на стратешкото партнерство“, изјави Османи.
На 17 јуни 2018 година македонскиот премиер Зоран Заев и поранешниот премиер на Грција Алексис Ципрас како главни носители на Договорот од Преспа со кој се реши проблемот за името во Нивици присуствуваа на потпишувањето на договорот кој го со своите потписи го заверија тогашните министри за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас.
Во 2019 година по изборите во Грција на кои изгуби партијата на Ципрас Сириза и на власт дојде Нова Демократија се формираше владата која ја предводи Кирјакос Мицотакис. Кога беа во опозиција тие беа противници на Договорот од Преспа бидејќи сметаа дека со него се предадени грчките позиции во однос на повеќедеценискиот спор за името.