Русија ќе ги снабдува со оружје соседите кои граничат со Авганистан

Илустрација- руски војник за време на заедничката воена вежба на Русија, Узбекистан и Таџикистан во близина на границата со Авганистан, 10.08.2021

Руските власти денеска соопштија дека добиле нови барања за оружје од земјите од централна Азија и додадоа дека на тие држави ќе им испорачаат оружје и хеликоптери поради стравот од случувањата во Авганистан каде што власта ја преземаа талибанците. Како што јавува агенцијата Франс Прес земјите од централна Азија, особено Узбекистан и Таџикистан кои се граничат со Авганистан и кои имаа џихадистички напади во минатото, се загрижени од враќањето на талибанците на власт.

"Веќе работиме на бројни нарачки од земјите во тој регион кои бараат руски хеликоптери, лесно оружје и современи системи за заштита на границите“, рече за Риа Новости генералниот директор на агенцијата за извоз на оружје Александар Михејев.

Москва, која во централна Азија има војни бази стравува од упадот на авганистанските џихадисти на своја територија, а друг извор за грижи е порастот на трговијата со опиум и хероин.