Скопје сега е поинаква приказна зашто застана мегаломанството, рече денеска премиерот Зоран Заев на увид на работата на мостот „Љубљанска“ во Скопје. Тој тврди дека од кога на градоначлничката позиција во град Скопје е Петре Шилегов од неговата партија, а тие ја водат централната власт, Скопје се гради со усул и во периферијата и во централниот дел.
Заев вели и дека во најцентралните скопски општини – Карпош, Центар и Аеродром не можело да се каже дека има мегаломанство, навала и напад на урбанизација. Тоа, како што кажа, е спречено не само со волјата на градоначалниците и советниците, туку и со закон.
„Законот веќе ги лимитира и висините и габаритите на објектите кои се градат. Уставното право на сопственост е неприкосновено во демократијата и кај нас, но сега ставивме ред во растот и развојот на Скопје„ рече Заев.
Тој додаде дека е донесен е нов Закон за урбанистичко планирање каде согласно укажувањата се сменети параметрите, а тоа е паркинг во самата парцела и минимум 20 отсто зелена површина во самата парцела. Премиерот нагласи дека се уште се градат објекти за кои се издадени одобренија за градба во 2013 и во 2015 година, како во Град Скопје, така и во Охрид, кои, како што кажа, се проблем и за УНЕСКО.
На 17 октомври се закажани да се одржат локалните избори. Партиите се во тек на објавување на своите кандидати, а повеќе независни листи за советници и кандидати за градоначалници собраа или собираат потписи низ повеќе општини низ државата.