Навални во интервју од казнената колонија тврди дека е под психолошка тортура

Протести во Русија за поддршка на затворениот опозициски лидер Алексеј Навални

Во првото интервју од казнената колонија во која што се наоѓа рускиот опозициски лидер Алексеј Навални зборуваше за својот живот како политички затвореник и наведе дека е присилен да ја гледа руската државна телевизија и конкретни пропагадни филмови повеќе од осум часа на ден.

Во пишаното интервју за Њујорк Тајмс објавено вчера отворениот критичар на рускиот претседател Владимир Путин вели дека дел од времето го поминува и метејќи го затворскиот двор и читајќи писма.

„Искуството како политички затвореник во поправната колонија број 3 во регионот Владимир е психолошко насилство“, напиша Навални за американскиот весник.

Тој додава дека читањето, пишувањето, спиењето или правењето што било друго е забрането за време на дневната сесија гледање телевизија.
На четириесет и пет годишниот Навални му се слоши лани додека беше во авионот кој леташе кон Сибир, а денови подоцна беше пренесен во Берлин каде што докторите се бореа за неговиот живот.

Подоцна беше утврдено дека бил отруен со нервен гас. Навални го обвини Путин за труењето, што беше негирано од официјален Кремљ. Навални отслужува 2,5-годишна казна поради кршење на условното пуштање во случајот за проневера, кој, како што вели, е измислен.