САД и другите западни земји ги предупредија своите граѓани веднаш да се оддалечат од областите околу аеродромот во Кабул поради „многу веродостојни“ закани за терористички напад, додека илјадници луѓе го преполнуваат аеродромот обидувајќи се да стигнат до летовите за евакуација. Не е јасно колку западњаци што сакаат да заминат сѐ уште се во Кабул, но еден западен официјален претставник рече дека околу 1.500 американски државјани се обидуваат да стигнат до аеродромот.
Илјадници луѓе чекаат да заминат од аеродромот во Кабул пред повлекувањето на западните војници
Британскиот министер за одбрана Џејмс Хипеј денеска изјави дека има „многу веродостојни“ разузнавачки податоци оти милитантите планираат напад врз оние што се собираат на аеродромот во Кабул. Амбасадата на САД во Кабул ги предупреди американските граѓани да избегнуваат патување до аеродромот и дека оние што се веќе пред портите треба веднаш да заминат, наведувајќи ги „безбедносните закани“. Луѓето стануваат сѐ поочајни пред крајниот рок, 31 август треба да биде прекината евакуацијата и да се повлечат американските војници кои ја надгледуваат.