Порасна бројот на граѓани од Авганистан кои ќе бидат згрижени на македонска територија. Владината прес служба најави дека вкупно 780 граѓани на Авганистан ќе бидат згрижени во земјава. Портпаролот на Владата Душко Арсовски на денешната прес конференција соопшти дека најголем дел од Авганистанците ќе бидат сместени на периферијата на Скопје.
„За толку граѓани Владата презема обврска да обезбеди сместување и да ги згрижи, да помогне полесно да го поминат овој период додека се тука 90 дена. Во однос на хотелите, тоа е обврска на меѓународните организации кои ги покриваат трошоците,“ истакна Арсовски.
Секое пристигнување, секој евакуиран граѓанин на Авганистан кој ќе пристигне, секој ќе биде регистриран и за сите ќе бидете информирани, изјави денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
„Тоа се се луѓе на кои треба времено престојување пред да заминат во земјите на нивната крајна одредница“ изјави Шекеринска, одговарајќи на новинарско прашање.
Таа додаде дека е многу внимателна со бројките и нагласи дека нема да се крие ниту еден податок и апелираше медиумите да бидат претпазливи. Шекеринска вели дека еден дел од Авганистанците кои се евакуирани и кои работеле за НАТО, ќе бидат најверојатно транспортирани во некоја од НАТО базите низ Европа.
„И ние веќе добивме барање од НАТО и најверојатно позитивно ќе одговориме за некаков тип на дополнителна поддршка таму, со офицери за цивилно-воени односи, офицери за односи со јавност, како и со одреден тип на можна медицинска или психолошка поддршка. Ние како дел од НАТО Алијансата ги дефинираме кои се тие капацитети кои можеме да ги испратиме во некои од НАТО базите низ Европа каде ќе бидат примени еден дел од евакуираните граѓани кои веќе работеле за НАТО Алијансата“, изјави Шекеринска.
- Македонија ќе преземе 650 жители на Авганистан, се утврдуваат деталите
- Заев: Спремни сме да прифатиме цивилно население од Авганистан
Луѓето што ќе дојдат од Авганистан ќе бидат сместени во хотели и мотели, не се знае во кои, но се знае дека трошоците за нив ќе бидат платени од САД и од меѓународните организации, како ОН, НДИ. Авганистанците што ќе пристигнат во Македонија потоа треба да заминат кон САД или до други земји како нивна крајна дестинација. Цивилното население од Авганистан ќе дојде со организирани летови, воопшто не станува збор за нелегални мигранти, па затоа нема да бидат сместени во прифатниот центар во Гази Баба, ниту во новите превентивни капацитети во Бардовци.
Минатата недела во владиното соопштение беше наведено дека до тогаш Владата презела обврска за прифаќање на околу 650 граѓани, локално население од Авганистан и тоа вработени и жени и деца од семејства на вработени во хуманитарните, демократски и миротворни меѓународни мисии, активисти од организациите за човекови права, новинари, преведувачи, студенти, стипендисти, како и граѓани кои изминатите 20 години беа поддршка на НАТО сојузничките сили во Авганистан, вклучително и на македонската армија.
По повлекувањето на странските сили, талибанците влегоа во Кабул на 15 август и ја презедоа власта. Илјадници странски и авганистански граѓани, во страв за својот живот, го напуштија Авганистан.