Министерството за здравство денеска соопшти дека сè повеќе млади развиваат тешка клиничка слика од ковид-19 и апелира младите да се вакцинираат.
„Недоволно високиот степен на имунизација, особено кај младата популација, е причина и за сè поголемиот број на хоспитализации во светски рамки. Потпирајќи се на природниот имунитет и добрата здравствена состојба, младите лица ја одбиваат или пролонгираат имунизацијата, со што се изложуваат на значително висок ризик од инфекција, а во случај на заразување сè почесто развиваат и тешки симптоми и компликации, бидејќи не се соодветно заштитени“, се наведува во соопштението.
Од ресорното министерство посочуваат дека се намалува старосната граница на заразени од коронавирус кои развиваат тешка клиничка слика на болеста. Меѓу последно евидентираните хоспитализиции и смртни случаи предизвикани од компликации на ковид-19 во земјава има сè повеќе млади лица, кои се на удар и во најголем ризик во четвртиот бран на пандемијата предизвикан од делта мутацијата на вирусот.
Почина 21-годишно момче од ковид-19, шест смртни случаи во тетовската болница во изминатите 24 часа
Ниската стапка на вакцинација во рамки на младите групи е она што, како што се наведува, за жал, е причина сè поголем број на заразени да бидат токму младите, кои доколку не се имунизирани можат да развијат тешка форма на болеста, која пак може да доведе до хоспитализација, а некогаш и до смртен исход.
И во Европа бројот на хоспитализации и пациенти со смртен исход е зголемен кај помладите, невакцинирани лица, наведува во Министерството. Во моментов во Македонија во ек е четвртиот бран на коронавирусот, а секојдневно има по над 1000 нови случаи.