Секојдневно е во пораст бројот на починати како последица од коронавирусот. Во изминатото деноноќие беа евидентирани 32, од кои најмладиот на 32 години од Делчево. Од почетокот на епидемијата – бројот на заразени достигна 170.412, оздравени се 152.916, а 5.727 луѓе ја загубија битката со опасниот вирус. Вчерашната статистика бележи 1.210 новозаразени што го зголеми дополнително бројот на активни случаи. Нив ги има 11.769 во државата. За да се подигне колективниот имунитет, се апелира на масовна вакцинација, бидејќи во четвртиот бран на ковид-19 со компликации од болеста и со смртен исход се неимунизираните, а меѓу нив има и млади пациенти и голем број на кислородна поддршка.
Нови 1.210 заразени, 32 починати
Рестриктивните мерки го зголемија интересот за вакцина – заклучно со понеделникот вакцина примиле 674.510 граѓани, од кои со две дози односно целосно имунизирани се 503.401. За да се намалат метежите и редиците во здравствените домови, најдоцна утре, како што викендот најави министерот за здравство Венко Филипче, повторно ќе се отвори пункт во А1 Арена „Борис Трајковски“ со 20-ина места за вакцинација.
Влада- со почитување на мерките се дозволува одржување на спортски натпревари
Владата вчера на седница донесе измени и дополнувања на мерките за спречување на ширењето на КОВИД-19, според кои се дозволуваат спортски натпревари со присуство на публика, настани од културата, работа на ресторани, кафетерии, обложувалници, концерти, семинари, работилници и други настани на затворено со 30 проценти исполнетост на капацитетот на просторот, а на отворено до 50 отсто од капацитетот, со почитување на антиковид-протоколите и поседување сертификат за најмалку прва доза примена вакцина или сертификат за прележаност на коронавирусот, но не постар од 45 дена од денот на оздравувањето. Останува забраната за организација на свадби, веселби и прослави во објекти во затворените делови на угостителските објекти и во објекти од затворен тип. За влез во угостителски објекти, кафулиња и барови, без разлика на капацитетот и бројот на присутни, задолжително е приложување сертификати за примена вакцина и за прележан ковид-19 не постар од 45 дена, за лица над 18-годишна возраст.
Околу 2.500 луѓе во тетовско и гостиварско во карантин
Од 1 септември домашните и странските државјани ќе може да влезат во државата доколку на граничниот премин приложат сертификат за примени две дози вакцина или сертификат за прележан ковид-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето, или со негативен резултат од ПЦР-тест направен 72 часа пред влез во земјава. Нашите граѓани кои ќе немаат ниту една од трите потврди, ќе поминат седумдневен карантин домашна изолација со решение од Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Странските државјани кои транзитираат низ земјава без овие документи, пак, ќе треба да ја напуштат за пет часа.