Влада- со почитување на мерките се дозволува одржување на спортски натпревари

Илустрација- премиерот Зоран Заев на владина седница

Од владината прес служба информираа дека на денешната седница владата донела измени и дополнувања на мерките за спречување на ширењето на ковид19 според кои се дозволува организирање и одржување на спортски натпревари со присуство на публика, настани од културата, работа на ресторани, кафетерии, кладилници, обложувалници, концерти, семинари, работилници и други настани на затворено со 30 отсто од капацитетот на просторот, а на отворено до 50 отсто од капацитетот, со почитување на протоколите и мерките, со поседување сертификат за примена на најмалку прва доза вакцина или сертификат за прележаност не постар од 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето.

Останува забраната за одржување свадби, родендени и други приватни прослави во затворените делови на угостителските објекти, како и сите други мерки согласно одлуката од претходните седници според која за влез во угостителски објекти, кафулиња и барови, без разлика на капацитетот и бројот на присутни задолжително е поседување, приложување и проверка на еден од следните документи- сертификат за вакцинација, односно примена најмалку прва доза вакцина, сертификат за прележан во последните 45 дена.

„Оваа мерка задолжително се применува и за организација, работа и и на секаков вид на настан на отворен простор, како и за влез во затворениот дел од моловите“, наведуваат од Владата.

Останува и забраната за организација на свадби, веселби и прослави во објекти од затворен тип, додека друг тип на настани на затворено и натаму може да се организираат со исполнетост до 30 отсто од капацитетот на местото каде што се одржува настанот и ограничен број на посетители до максимум 1.000 посетители со задолжително поседување, приложување и проверка на еден од задолжителните КОВИД-19 документи.


Од први септември 2021 година домашни и странски државјани ќе можат да влезат на територијата на Република Северна Македонија доколку претходно на граничниот премин приложат- сертификат за вакцинација, односно примени најмалку две дози на вакцина, сертификат за прележан во последните 45 дена или медицинска потврда со негативен резултат од ПЦР тест направен 72 часа пред влез.

„За нашите граѓани кои ќе се враќаат во земјата после први септември, а немаат ПЦР тест, или потврди за примена вакцина или за прележан КОВИД-19, ќе се одреди мерка карантин од 7 (седум) дена домашна изолација со решение од Државниот санитарен и здравствен инспекторат“, наведуваат од владата.

Странските државјани кои транзитираат низ земјата ќе можат да го направат тоа во рок од 5 часа со претходно потпишана изјава на влезот во земјата која ќе треба да ја приложат пред граничната контрола на излезот од државата.