Компанијата за времен наем на имоти Ербнб денеска соопшти дека ќе обезбеди привремено сместување за 20 000 авганистански бегалци низ целиот свет.
Сместувањето ќе биде на трошок на компанијата, соопшти извршниот директор Брајан Чески.
"Го обезбедуваме сместувањето преку агенциите и партнерите кои се во директна координација со бегалците и ги знаат нивните потреби за должината на престојот. Ние обезбедуваме времено, не трајно сместување и сме посветени да ги сместиме овие семејства онолку колку што е потребно“, соопштија од компанијата.
Талибанците ја заземаа власта во Авганистан минатата недела и Соединетите Американски Држави заедно со сојузниците се обидуваат да ги евакуираат странците и Авганистанците кои може да бидат во неволја најдоцна до 31 август, рок кој е договорен со талибанците.
Минатиот викенд компанијата Ербнб заедно со своите партнери работела на сместување на 165 бегалци кратко по нивното пристигнување во Соединетите Американски Држави.