Околу 2500 луѓе во тетовско и гостиварско во карантин

Луѓе во Тетово чекаат ред за вакцинација

Во Полошкиот регион има 2424 лица на кои им е издадено решение за изолација од Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Според податоците на СВР Тетово, станува збор за лица кои имале позитивен тест на Ковид-19 и тие што имале контакти со заразен. Заклучно со денес, во тетовското се 1386, а 1038 се во гостиварско.

Што се однесува до лицата кои во текот на овој месец не ги почитувале решенијата за изолација и при контролите не биле во домовите, до денеска нивниот вкупен број изнесува 142, информираат од СВР Тетово.

На сите нив ќе им бидат изготвени соодветни поднесоци за „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“, кривично дело казниво по член 206 од Кривичниот законик. Зависно од последиците кои ги предизвикале, покрај парична казна, некои од прекршителите може да се соочат и со затворска казна.

Инаку двата региони периодов се едни од најпогодените со ковид вирусот. Десет пациенти болни од Ковид 19 починаа во изминатите 24 часа во тетовската болница, хоспитализирани се 120 пациенти, од нив девет имаат примено една вакцина, а тројца пациенти двете дози.

Во Гостивар денеска заседаваше меѓуопштинскиот кризен штаб кој заклучи дека состојбата со пандемијата во регионот е сериозна, но под контрола.
Во гостиварската општа болница, капацитетот за прием на пациенти е речиси исполнет. Таму се лекуваат 103 пациенти од кои 63 се на кислородна поддршка.