Талибанците бараат квалификуваните Авганистанци да не ја напуштаат земјата

Портпаролот на талибанците Забихула Муџахид

Талибанската власт во Авганистан денеска соопшти дека тие сакаат сите евакуации во странство од меѓународниот аеродром во Кабул да се завршат до крајниот рок 31 август и дека нема да се согласат на продолжување на рокот, јавува агенцијата Ројтерс.

Портпаролот на талибанците Забихула Муџахид на денешната прес конференција во главниот град Кабул, кој го заземаа на 15 август, рече дека тие ја гарантираат безбедноста. Муџахид побара од квалификуваните Авганистанци да престанат да ја напуштаат земјата.

"Оваа земја има потреба од нивната експертиза. Тие не треба да бидат земени од други земји“, рече тој .

Американскиот претседател Џо Бајден рече дека се надева оти до крајниот рок, 31 август американските сили ќе успеат да се повлечат, но европските сојузници и Британија бараат да се помести тој рок.

Околу 50 000 странци и Авганистанци ја напуштија земјата од аеродромот во Кабул откако талибанците ја преземаа власта пред девет дена. Многу Авганистанци стравуваат дека ќе се повтори начинот на владеење на талибанците од 1996 до 2001 година.