Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска рече дека Москва не сака да види американски војници во Централна Азија затоа што тоа можело да го направи регионот мета на напади. Зборувајќи пред новинарите по состанокот со неговиот унгарски колега Пјетро Сијарто во Будимпешта Лавров рече дека Русија има „заеднички безбедносен простор“ со поранешните централноазиски републики преку заедничкиот безбедносен договор.
Тој додаде дека предлогот на Вашингтон да им се дозволи на бегалците од Авганистан да се преселат во регионот ќе ја поткопал неговата стабилност, а дозволата американски војници да се присутни во централноазиските држави ќе ги претвори нив во мети.
Лавров нагласи дека неговата земја е спремна заедно со Кина, Соединетите Американски Држави и Пакистан да биде дел од решавањето на моментната криза во Авганистан до која дојде месецов откако талибанците го заземаа главниот град Кабул и поголемиот дел од земјата.
Шефот на руската дипломатија најави дека ситуацијата во Авганистан ќе биде главната тема на состанокот на Шангајската организација за собработка кој ќе се одржи во средината на септември во Душанбе, главниот град на Таџикистан. Во оваа организација се Кина, Русија, Казахстан, Киргистан, Таџикистан, Узбекистан, Индија и Пакистан. Авганистан има статус на земја набљудувач од 2012 година.