Вонреден состанок на Г7 за продолжување на рокот за евакуација од Авганистан

Лидерите на САД, Германија, Канада, Јапонија, Велика Британија, Франција и Италија денеска ќе одржат вонреден видео состанок на кој ќе дискутираат за напорите за евакуација и координирање на политиката за Авганистан. Во меѓувреме САД и нивните сојузници брзаат да извлечат десетици илјади свои граѓани и Авганистанци во кои се во ризик и покрај хаотични сцени на аеродромот во Кабул.

Претходно шефицата за заштита на човековите права на ОН Мишел Башале изјави дека добила веродостојни извештаи за сериозни прекршувања на човекови права од страна на Талибанците во кои се вклучени и егзекуции на цивили и ограничувања на правата на жените. Таа денеска предупреди дека однесувањето на милинатнтната група кон жените и девојките ќе биде „основната црвена линија“.

Лидерите на Г7 ќе разговараат денеска за можно продолжување на зададениот рок од американскиот претседател Џо Бајден за целосно повлекување на меѓународните трупи од Кабул.

ЕУ со над 200 милиони евра хуманитарна помош за Авганистанците

До вонредниот состанок на Г7 доаѓа еден ден откако американската војска го изврши најголемото евакуирање со воени авиони во Кабул откако Талибанците ја презедоа контролата врз земјата. Пентагон вчера соопшти дека околу 17.000 луѓе биле евакуирани преку аеродромот во Кабул во текот на претходните 24 часа.

Според новинската агенција Ројтерс која се повикува на дипломатски извори од НАТО, западните земји евакуирале околу 58.700 луѓе во изминатите 10 дена, со цел да го испочитуваат рокот што претходно беше договорен со Талибанците за повлекување на странските сили. Аеродромот во Кабул денеска повторно е во хаос, со спорадични насилни инциденти.

„Секој припадник на странски сили работи со воено темпо за да го исполни рокот“,изјави официјалниот претставник на НАТО, кој одби да го открие својот идентитет, јавува Ројтерс.

Велика Британија, Франција и Германија притискаат за продолжување на рокот по 31 август за да овозможат поголема евакуација.