Речиси 3 800 ерменски војници загинаа во конфликтот во Нагорно Карабах

Илустрација

Вкупно 3 773 ерменски војници загинаа за време на 44-дневниот воен конфликт кој изби минатата есен, изјави денеска ерменскиот претседател Никол Пашинијан во Собранието. Ова е прв пат официјално да биде соопштен бројот на загинатите војници во конфликтот околу регионот Нагорно-Карабах. Тој во својот говор пред пратениците соопшти дека судбината на уште 243 војници останува непозната, додека некои затвореници допрва треба да се вратат дома.

Пашинијан истакна дека илјадници биле раселени како резултат на борбите, предизвикувајќи сериозни социо-економски последици. Нагорно Карабах му припаѓа на Азербејџан, но територијата и некои околни области се контролирани од етничките ерменски сили уште од раните 1990-ти.

Азербејџанските и ерменските војници повремено се пресметуваа во текот на изминативе години, но лани во септември Азербејџан започна воена офанзива што резултираше со враќање на контролата на Баку врз околните области и поголем дел од регионот Нагорно Карабах.

Страв и омраза наспроти трговија на ерменско - азејберџанската граница

Двете страни се согласија за прекин на огнот со посредство на Русија на почетокот на ноември, што резултираше со распоредување на 2.000 руски мировни сили во конфликтната зона. Претходно Азербејџан објави дека 2.783 азербејџански војници загинале во борбите.