На самитот на иницијативата на Кримската платформа осудена руската анексија на Крим

Заедничка фотографија на учесниците на самитот на Кримската платформа, одржан во Киев, Украина, 23.08.2021.

Украина и околу 50 нејзини сојузници ја осудија руската анексија на украинскиот полуостров Крим во заедничка изјава усвоена на првиот самит на иницијативата „Кримска платформа“ одржана во Киев. Самитот беше свикан од Украина за да го обедини притисокот врз Русија поради нејзината анексија на Крим во 2014 година, што мнозинството од светот го осуди како нелегално. Како резултат на тоа односите на Русија со Западот се влошија и се вратија на ниво како во Студената војна.

Зеленски бара поддршка за враќање на Крим на Украина


Вербалната поддршка за Украина беше дадена во време кога Киев во последните месеци се жали оти партнерите кои не дозволуваат да стане членка на НАТО, ги исполнуваат договорите за гас со Москва на штета на Украинците или одбиваат да ѝ достават офанзивно оружје. На отворањето на форумот за Крим, украинскиот претседател Володимир Зеленски вети дека ќе стори „сѐ што е во негова моќ да го врати Крим, така што Крим, заедно со Украина, ќе стане дел од Европа“. Околу 15 европски претседатели или премиери, вклучително и од Полска, Молдавија, Шведска, учествуваа на самитот, додека земји како Германија, Франција, САД и Турција испратија министри или претседатели на парламенти.

Меркел во посета на Украина


Многумина во Украина, исто така, го забележаа отсуството на истакнати личности од ЕУ, како Ангела Меркел и Емануел Макрон. Ден пред форумот, германската канцеларка беше во Киев и се обиде да го убеди претседателот Зеленски, кој се плаши дека неговата земја ќе биде жртвувана заради европските интереси за снабдување со гас. Москва го осуди форумот. „Сметаме дека овој настан е крајно непријателски и антируски“, рече портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.