За интеграцијата на Македонија во ЕУ и за состојбата во Авганистан разговарале денеска претседателот на државата Стево Пендаровски и претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел. Тие се сретнале денеска во Киев, каде Пендаровски е во работната посета по повод 30-годишнината од независноста на Украина.
Пендаровски го реафирмираше ставот дека одржувањето на првата меѓувладина конференција во најскоро време е клучен приоритет за Северна Македонија, при што нагласи дека е неопходно Европската унија да ги зголеми напорите за да се динамизираат односите со земјите од Западен Балкан, соопштија од Кабинетот на Претседателот.
„Претседателот Пендаровски го реафирмираше и ставот дека билатералните прашања не треба да бидат пречка за валоризирање на напредокот на ниту една земја на патот кон Европската унија и дека во тој контекст треба да се бара решението за нашата држава“, се наведува во соопштението.