Украинскиот претседател Володимир Зеленски вети дека ќе стори сè што е возможно да го врати анкетираниот Крим од страна на Русија, на Украина. За ова прашање беше организира меѓународен форум – Кримска платформа во Киев, Украина.
Зеленски денеска во воведните зборови на форумот, пред делегатите од 45 земји, рече дека Крим заедно со Украина треба да станат дел од Европа.
„За ова ќе ги искористиме сите можни политички, правни и пред сè дипломатски средства“, рече Зеленски, додавајќи дека на Киев му треба „ефективна поддршка на меѓународно ниво“.
На форумот присуствуваат претставници на САД, на сите земји членки на ЕУ, Британија, а од Македонија претставник беше министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Од македонското МНР соопштија дека министерот Османи во своето обраќање ја реафирмирал недвосмислената поддршка за суверенитетот, територијалниот интегритет и неповредливоста на границите на Украина, подвлекувајќи ја важноста од заштита на човековите права и меѓународното хуманитарно право.
Русија ја презеде контролата врз Крим од Украина во март 2014 година, откако испрати војници, зазеде клучни објекти и организираше референдум за отцепување на територијата. Референдумот како нелегален го отфрлија најмалку 100 земји.
Зеленски ја обвини Русија дека го претвори Крим во воена база и темел од каде го јакне своето влијание врз регионот на Црното Море.
За Русија форумот е „фарса“, а на земјите учеснички им се закани со последици.
Пред неколку денови Москва воведе санкции против украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба и секретарот на украинскиот совет за национална безбедност и одбрана, Олексиј Данилов.