Околу 700 лица хоспитализирани поради компликации од Ковид-19

илустрација

Министерот за здравство Венко Филипче соопшти дека околу 700 пациенти се хоспитализирани во болниците поради компликации од Ковид-19.

„Најголем број на пациенти се во болниците во Тетово, каде има 110 пациенти, 90 пациенти во болницата во Гостивар, околу 35-36 пациенти во болницата во Струга, 40-тина пациенти во болницата во Кичево. Тука е отворена Болницата за рехабилитација во Козле која што е целосно опремена, снабдена со централен довод на кислород. Тука, има сместено за време на викендот околу 25 пациенти од вкупно 110 кревети коишто се на располагање, изјави Филипче, одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес конференција по повод најновата кампања владина „Вакцинирај се“.

Министерот информира дека за пациентите од Кичево и од Струга на располагање се болниците во Прилеп и во Битола, а за Гостивар и Тетово болничките центри во Скопје. Според него, здравството ќе го издржи и овој бран со Ковид-19.

„Спремни сме да се реорганизираме и дополнително и во другите болници. Сега веќе имаме и едно искуство. Овие денови следиме како се одвива бранот во Тетово и во Гостивар, кои се специфични градови зошто нагло се зголеми бројот на пациенти на кои им беше потребна хоспитализација. Во исто време се градови со мал опфат на вакцинација. И сега опфатот расте, па сега ќе анализираме дали според прегледите може да констатираме дека притисокот спласнува. Рано е за тоа да се каже, иако има некои индиции според разговорот со директорите“, рече Филипче.