Не се воведени бесплатни тестови за влез во угостителските објекти и во шопинг центрите за оние граѓани кои од медицински причини во моментот не можат да се вакцинираат затоа што тоа би можело да предизвика гужви на пунктовите за тестирање и со тоа да се создаде атмосфера на ширење на вирусот, изјави денеска премиерот Зоран Заев.
Одговарајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата во Владата, Заев рече дека се разгледувала опцијата за бесплатни ПЦР тестови за влез во угостителските објекти и на организирани настани, но оти тоа не е прифатено.
„Имаше дискусија за бесплатен ПЦР тест, дури и дискусија за платен тест или слично пред кафулињата, големите културни настани, одредени други помасовни организациски настани. Причината беше заради тоа што тогаш ќе предизвикаме масовно упатување на луѓето кај пунктовите каде што се прават бесплатните тестови и тоа може да биде атмосфера на ширење на самата зараза. Токму од тие причини, не се даде таа сугестија“, рече Заев.
Претходно тој заедно со министерот за здравство Венко Филипче денеска ја промовираа кампањата со порака „Вакцинирај се“, за да го зголемат процентот на имунизација на населението.
Исто така кампањата ќе има за цел да го сврти вниманието на граѓаните да бидат внимателни и да не подлегнуваат на неточни и непроверени вести, рече Заев.
Тој испрати порака и до антиваксерите и кои веќе два пати протестираат против мерките на Владата и порача „Протестот е уставно загарантирано право, но исто такво право е и правото на здравје“.