Кампања „Вакцинирај се“ за да се врати нормалниот живот

илустрација

Владата почнува кампања со порака „Вакцинирај се“ чија цел ќе биде што поголем број на граѓани да ја примат вакцината против Ковид-19.

Исто така кампањата ќе има за цел да го сврти вниманието на граѓаните да бидат внимателни и да не подлегнуваат на неточни и непроверени вести, рече денеска премиерот Зора Заев.

„Само со комплетна вакцинација се спречува тешка форма на болеста и смртни случаи. Да ја прифатиме и да се отповикаме на повикот за масовна вакцинација, за да можат децата да тргнат на училиште, да се вратат артистите на сцените, да заживее економијата, да почнеме пак нормално да живееме. Кампањата има за цел да им го сврти вниманието на граѓаните да бидат внимателни кога до нив пристигнуваат вести кои не се вистинити“, рече Заев.

Тој испрати порака и до антиваксерите и кои веќе два пати протестираат против мерките на Владата и порача:

„Протестот е уставно загарантирано право, но исто такво право е и правото на здравје“, рече Заев.

Министерот Венко Филипче изјави дека статистиките кои ги правеле покажале дека во градовите каде има висока стапка на имунизација како што се Битола, Охрид, и Гевгелија, нема притисок на болниците, а онаму каде граѓаните не се вакцинираат како што е Тетово и Гостивар болниците се преполни и има голем број смртни случаи.

Тој рече дека бројките покажуваат дека вакцините се безбедни и ефикасни и дека најголем број од смртните случаи и хоспитализациите се меѓу невакцинираните. Досега во земјава се аплицирани над 1 милион вакцини.