Египет го затвори главниот граничен премин со Појасот Газа во време на тензии со Хамас на таа територија, соопштија египетските власти.
Ова е првпат од почетокот на оваа година преминот да биде затворен во текот на работниот ден. Египетските власти го држеа отворен за време на 11-дневната војна меѓу Израел и Хамас во мај.
Како што е наведено, затворањето е поврзано со напорите на Каиро да посредува во долготраен прекин на огнот меѓу Израел и Хамас и не е познато колку долго ќе трае. Официјален претставник соопшти дека овој потег има за цел да изврши притисок врз Хамас.
Постои несогласување помеѓу движењето Хамас и Каиро во врска со индиректните преговори на Египет со Израел и напорите за помирување на палестинските фракции.
Преминот беше затворен неколку часа откако египетската државна новинска агенција објави дека бил отворен во неделата, а претходно бил затворен по повод муслиманскиот викенд во петокот и саботата.
Портпаролот на Министерството за внатрешни работи во Газа, Иџад ал Бозум, рече дека Хамас бил информиран за затворањето на преминот Рафах и дека е во контакт со египетските власти за отворање на преминот, бидејќи тоа ја зголемува хуманитарната криза во Газа. Тој изрази надеж дека тоа ќе се случи што е можно поскоро.