Банките во Кабул затворени, цените на храната растат

илустрација

Една недела откако Талибанците го зазедоа Кабул, се поголем број луѓе во главниот град на Авганистан се соочуваат со секојдневна борба да се снајдат во ситуација без работа, додека банките се уште се затворени, а цените на храната растат, пренесува Ројтерс.

Илјадниците луѓе што ги преплавија влезните места на аеродромот и се бореа за места на летовите од Кабул, даваат најреална слика за немирите во градот по падот на владата која ја поддржуваше Западот. Но, како што минуваат деновите, секојдневните грижи за храна и кирии ја зголемуваат неизвесноста во земјата чија кревка економија е уништена поради исчезнувањето на меѓународната поддршка, пишува Ројтерс.

Цените на основните намирници како што се брашното, маслото и оризот се зголемиле за 10 до 20 проценти за неколку дена, а бидејќи банките се уште се затворени, многу луѓе не можат да пристапат до своите заштеди. Меѓународните групи за помош во неделата соопштија дека суспендирањето на комерцијалните летови кон Авганистан значи дека не постои начин за снабдување со лекови и друга помош.

Во исто време, илјадници Авганистанци чекаат пред влезот на аеродромот во Кабул, со надеж дека ќе ја напуштат земјата откако талибанците дојдоа на власт. Најмалку 20 лица загинаа во густ сообраќај пред аеродромот во Кабул, изјави претставник на НАТО за Ројтерс.

Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека американските војници го прошириле периметарот околу објектот во главниот град на Авганистан. Бајден рече дека Соединетите Држави евакуирале близу 28.000 луѓе од овој аеродром минатата недела.

Тој додаде дека евакуацијата од аеродромот во Кабул се забрзува и дека се водат разговори со лидерите на другите земји за продолжување на таа акција по 31 август. Бајден додаде дека се надева дека тоа нема да се случи. Крајниот рок за повлекување на американските сили од Авганистан, кој е закажан за 31 август, е „црвената линија“ и доколку се прекрши, ќе следат последици, изјави портпаролот на Талибанците Сухаил Шахин.