Еден авганистански стражар загина, а тројца се ранети во престрелка на северната порта на аеродромот во Кабул на 23 август, се наведува во соопштението на германските вооружени сили. Престрелката се случила меѓу неидентификувани вооружени лица, американски и германски сили и авганистански чувари, се вели во соопштението, без да се прецизира дали загинатиот Авганистанец е еден од талибанските борци распоредени да го чуваат аеродромот. Не е познато кои се напаѓачите. Талибанците, кои ја контролираат надворешноста на аеродромот во Кабул, досега не отвориле оган врз персоналот на НАТО во внатрешноста.
Бајден: 11.000 луѓе биле евакуирани од Кабул во текот на викендот
Аеродромот е сцена на хаос откако Талибанците го зазедоа Кабул на 15 август, додека американските и меѓународните сили се обидуваат да ги евакуираат граѓаните и ранливите Авганистанци. Илјадници луѓе сѐ уште се обидуваат да ја напуштат земјата. Најмалку седум Авганистанци загинаа во стампедо на луѓе кои се обидуваа да влезат на меѓународниот аеродром во Кабул на 22 август, соопшти британската војска. Американскиот претседател Џо Бајден посочи дека американските војници може да останат подолго од 31 август за да ја надгледуваат евакуацијата, но талибански функционер на 23 август рече дека странските сили во Авганистан досега не се обиделе да го продолжат рокот за напуштање на земјата.