Десетици илјади Авганистанци повторно ги преполнија патиштата што водат до аеродромот во Кабул, додека талибанските борци пукаа со оружје во воздух и се обидуваа да ги контролираат толпите што се обидуваат да ја напуштат земјата.
Додека Талибанците се обидуваат да ја консолидираат својата контрола врз Кабул и да воспостават закон и ред, групата се соочи со предизвик во северната област од борци кои одбиваат да ја признаат талибанската власт.
Телевизискиот канал „Ал-Арабија“ денеска го цитираше синот на Ахмад Шах Масуд, кој беше еден од главните водачи на антисоветскиот отпор во земјата во 1980-тите, како вели дека нема да ги предаде областите под негова контрола на Талибанците.
Ахмад Масуд, исто така повика на формирање сеопфатна влада која ќе управува со земјата со учество на Талибанците. И тој предупреди дека војната ќе биде „неизбежна“ доколку бунтовниците одбијат дијалог, објави ТВ каналот.
Денешниот хаос пред аеродромот во Кабул се случи еден ден откако беа пријавени за убиени седуммина Авганистанци во близина на аеродромот, како што објави британската војска.
Официјален претставник на НАТО рече дека најмалку 20 луѓе загинале во изминатите седум дена во и околу аеродромот. Некои биле застрелани, а други загинале во стампеда.
Илјадници американски маринци обезбедија дел од аеродромот и се бореа да ги задржат толпите настрана и подалеку од пистите, додека воените и цивилните авиони полетуваа со странци и Авганистанци.
Според американското Министерство за одбрана, со американските авиони полетале околу 17.000 луѓе од земјата од почетокот на напорите за евакуација пред една недела.
Авганистанската управа за цивилно воздухопловство побара од луѓето да не патуваат кон објектот.
„Нема цивилни и комерцијални летови на меѓународниот аеродром Хамид Карзаи“, соопшти институцијата.
Велика Британија, САД и други земји се бореа да ги прошират напорите за евакуација на нивните граѓани, како и Авганистанците кои работеле за странски амбасади, невладини организации, за силите на НАТО или други организации што би можеле да ги доведат во опасност од одмазда од талибанските борци.