Американското министерство за одбрана денеска објави дека официјално е побарана помош од американските авио-компании за пренесувањето на лица евакуирани од Авганистан.
Шефот на Пентагон Лојд Остин го активираше специјалниот механизам за помош на американската армија во итни ситуации (Цивилната резервна воздухопловна флота - КАРФ), а од шест компании побара вкупно 18 авиони.
Портпаролот на Пентагон Џон Кирби изјави дека Министерството за одбрана не предвидува дека тоа ќе има значително влијание врз патничките летови на тие компании.
Кирби изјави дека тие авиони нема да летаат за Авганистан, туку дека ќе се користат за пренос на патници од таканаречените транзитни точки до кои летале од Кабул.
Тоа ќе ѝ овозможи на американската војска да се фокусира на евакуација на луѓе од Кабул, додаде Кирби.
Ова е трето активирање на КАРФ механизмот во историјата, според Министерството за одбрана. Првото се случи за поддршка на операцијата „Пустинска бура“ од август 1990 до мај 1991 година, а вториот за време на операцијата „Ирачка слобода“ од февруари 2002 до јуни 2003 година.
Централната влада во Кабул потпиша капитулација на 15 август и мирно им ја предаде власта на талибанските претставници.
Талибанците тогаш објавија дека ја презеле контролата врз земјата, со која владееја од 1996 до 2001 година.
Талибанците се обидоа да ги убедат Авганистанците и меѓународната заедница дека сакаат мир и инклузивна влада во рамки на вредностите на исламот и ветија дека нема да започнат одмазднички напади врз оние кои работеле со странски сили или со претходната авганистанска влада.
Но, плашејќи се дека новите владетели ќе направат злоупотреби, илјадници Авганистанци се упатија кон аеродромот во Кабул и граничните премини, очајнички обидувајќи се да избегаат откако Талибанците брзо ја освоија власта.
Илјадници луѓе сѐ уште се на аеродромот, каде вооружени припадници на Талибанците апелираат до луѓето без патни исправи да се вратат дома.