На протестниот собир одржан денеска на Цетиње во јавноста беше испратена декларација, во која се вели дека нема да биде дозволено устоличување на митрополитот на Српската православна црква (СПЦ) Јоаникиј во Цетињскиот манастир.
Граѓанскиот активист Пеѓа Вушуровиќ пред неколку илјади собрани граѓани рече дека тие не бранат српскиот патријарх да го устоличи неговиот гувернер во објектите што ги изградила Српската православна црква во Црна Гора, но дека не го дозволуваат тој „чин на окупација во манастирот Цетиње како вековен симбол на црногорската духовна, државна и национална оригиналност и слобода.“
Церемонијата на устоличување на митрополитот на Српската православна црква Јоаникиј во манастирот Цетиње е најавена за 5 септември.
Од собирот на Цетиње беше кажано дека нема да биде дозволена клерикализација, сквернавење на светилишта или давење во „српскиот свет“.
Во моментите кога беше споменуван митрополитот на СПЦ Јоаникиј, присутните извикуваа „предавство“, тој беше недостојно нарекуван, а присутните скандираа и „Ова не е Србија“.
Граѓани од речиси сите црногорски градови пристигнаа на протестниот собир во Цетиње. Доминираа боите на црногорските национални симболи и комитските знамиња.
На влезот на Цетиње беше поставен транспарент „ Туѓо не сакаме, своето не го даваме“. Околу манастирот Цетиње беше поставена заштитна ограда и полициски кордон.
Собирот помина без инциденти.
Српската православна црква сѐ уште официјално не потврди дека чинот на устоличување на Јоаникиј ќе се случи на 5 септември, во присуство на патријархот на Српската православна црква Порфириј и верниците на таа црква.
Устоличувањето на Јоаникиј на Цетиње е поддржано од страна на актуелната влада на Здравко Кривокапиќ и поголемиот дел од владејачкото парламентарно мнозинство, додека опозицијата предводена од Демократската партија на социјалистите на Мило Ѓукановиќ и црногорската патриотска организација ја повикуваат СПЦ устоличувањето на Јоаникиј да биде во друг град и во верски локалитет надвор од Цетиње.
Неколкунеделните тензии околу церемонијата предизвикаа серија објави од највисоките институции во Црна Гора.
Меѓу другите, кабинетот на премиерот Здравко Кривокапиќ оцени дека Веселин Вељовиќ - советник за безбедност на црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ, „презема одговорност за спречување или попречување на извршување на верските обреди, што е квалификувано како кривично дело“.
Опозициската ДПС одговори со предупредување до Владата на Здравко Кривокапиќ дека „ако некој граѓанин на Црна Гора изгуби влакно од главата, без оглед на неговата политичка или верска припадност, тоа ќе биде ваша единствена одговорност“.
Премиерот Здравко Кривокапиќ за понеделник на 23 август закажа седница на Советот за национална безбедност, на која треба да се разговара за тензиите пред најавеното устоличување на митрополитот црногорско-приморски Јоаникиј во Цетиње.