Седум авганистански цивили загинаа поради хаосот во Кабул во услови кога илјадници луѓе се обидуваат да избегаат од Авганистан, откако талибанските милитанти ја презедоа контролата, соопшти денеска британската војска.
Британската војска објави за седумте смртни случаи на цивили во Кабул, кои загинале откако се случиле стампедиа во толпата, особено кога талибанските борци започнале да пукаат во воздух за да ги избркаат оние кои очајно сакале да се качат на некој лет за да избегаат надвор од земјата.
„Условите на теренот остануваат крајно предизвикувачки, но правиме сѐ што можеме за да управуваме со ситуацијата што е можно посигурно и сигурно“, се вели во соопштението на Министерството за одбрана.
Администрацијата на претседателот Џо Бајден ги предупреди американските цивилни авиокомпании дека би можеле да се искористат за да помогнат во транспортот на луѓе кои се евакуирани од Авганистан, објавија американските медиуми.
Ројтерс на 21 август цитираше официјален претставник на американската влада, кој сакаше да остане анонимен, и рече дека е издадена „наредба за предупредување“ на превозниците, со која им било укажано дека може да се користат, но дека одлуката сѐ уште не е донесена.
Според официјалниот претставник, цивилните авиони не би летале во Авганистан, туку наместо тоа би превезувале евакуирани лица од воздушните бази на други локации, вклучително и на Блискиот Исток и Германија.
Толпа луѓе и денеска е собрана пред влезовите на аеродромот во Кабул. ДПА известува дека истрели постојано се слушале надвор од комплетно вооружениот аеродром, додека, како што велат агенциите, имало бројни вооружени судири пред портите на објектот.
Претставник на Авганистанската управа за цивилна авијација на 21 август издаде соопштение барајќи од луѓето да не патуваат во објектот.
„Нема цивилни и комерцијални летови на меѓународниот аеродром Хамид Карзаи’ “, се вели во објавата на неговиот профил на Фејсбук.
Шефот за надворешна политика на Европската унија Џозеп Борел на 21 август изјави дека е „математички невозможно“ за Соединетите држави и нивните сојузници до 31 август да ги евакуираат десетиците илјади луѓе авганистански персонал и нивните семејства.
31 август е рокот што претсдателот Бајден го постави за последните американски војници кои треба да го напуштат Авганистан.
Борел рече дека ЕУ „се пожалила“ до американските власти дека нивната безбедност на аеродромот во Кабул е престрога и дека ги спречува обидите за влез на Авганистанците кои работеле за Европејците.
На 21 август, американската амбасада издаде безбедносно предупредување во кое им порачува на граѓаните да не патуваат на аеродромот во Кабул без индивидуални насоки од претставник на американската влада.